Фанови почнуваат масовно да блокираат ѕвезди за казна

Обичниот народ е изнервиран од најмасивните славни личности и фактот што или не споделуваат ставови за Палестина, или не ја поддржуваат, или не кажуваат доволно.

„Ние им дадовме платформи. Време е да си ги земеме, да си ги повлечеме прегледите, лајковите, коментарите, парите.“

Движењето се вика Blackout 2024 и за контекст, има една инфлуенсерка, Хели Бејли, која минатата недела за време на Мет Галата позираше надвор од настанот во екстравагантен, цветен фустан и рече „Нека јадат колачи“ на ТикТок.

Приказната е, нели, дека на Марија Антоанета ѝ било кажано дека народот нема леб да јаде, па таа рекла „Тогаш нека јадат колачи“. Многу историчари тврдат дека не постојат докази дека го кажала ова, но останува како народна приказна за сериозната нееднаквост во богатствата.

Уште понезгодно беше што слики од најголемиот моден настан во годината се појавуваа на интернет, додека паралелно со фотографии се известуваше и нападот на Рафа на југот на појасот Газа. Контрастот на славни што блескаат од богатство и Палестинци што си ги оплакуваат мртвите деца беше ужасен за светот.

Се правеа споредби со „Игри на гладта“, каде што богатите пукаат од луксуз, додека деца се убиваат меѓу себе во игрите. Некои истакнуваат и дека авторката Сузан Колинс ја добила идејата за книгите кога искусила нешто слично: Менувала канали на телевизија и или имало покривање на војната во Ирак, или реално шоу.

Сега има и студентски протести низ светот, а некои од најголемите ѕвезди уште немаат кажано став.

Во едно видео што собра над 2,5 милиони прегледи, авторката на видеото вели дека доста им давале платформа - треба да се отследат и да се блокираат славните и нивните компании, за да не им функционира ни рекламирањето пред корисниците. Ова го нарекуваат digitine (од digital guillotine).

Има и списоци - се заговара да се отследуваат луѓе што или зборувале против Палестина, или не кажале ништо, или не ја искористиле платформата доволно. На пример, мислат дека треба да се бојкотира Били Ајлиш затоа што не објавила ништо на своите социјални мрежи, па има такви што ја бранат затоа што носела значка за прекин на огнот на Оскарите и со тоа си го кажала ставот.

Некои пробаа да се извадат. Бејли, инфлуенсерката што ја нападнаа за „Нека јадат колачи“ објави видео со извинување, каде што објасни дека не е елита, туку нормална личност и дека не е доволно информирана за да зборува на темата на значаен и едукативен начин. На следачите тоа не им се допадна и ја нападнаа за луксузниот начин на живот.

Пејачката Лизо проба да сподели каузи за донирање средства, но веднаш се појавија коментари од типот „Сега ти текна?“ како и такви дека е милионерка, дека може сама да го покрие тоа и „да не ги замара“.

Како им оди? Па, Хали Бејли од 10 милиони следачи, заради Блекаутот падна на 9,9 милиони.

Што е околу 9,9 милиони повеќе од сите што ја отследиле.

14 мај 2024 - 09:44