Можеш да одиш во кино. Ако ти е глупо да одиш сам/а на место каде што луѓето одат во друштво, кино е супер за почеток затоа што ти дава една интима кога ќе се изгасат светлата. Плус, можеби само тебе ти се гледа тој филм и не мораш од никого да зависиш и да правиш компромиси.
Можеш да одиш на групен фитнес час. Ако се работи доволно добро и напорно, сите ќе бидат презафатени со себе и без разлика што е групно, сепак е твое лично искуство. А може само корисно да биде.
Оди на одмор. Не мора да биде авантура за себеоткривање како во „Јади, моли се, уживај“, некогаш и една вечер во ново место, сам/а со себе може да те обнови.
Биди турист во сопствениот град. Ако немаш можност за некаков одмор, излези и откривај го сопствениот град. Пробај да се однесуваш како турист, да се обидуваш да откриваш и да гуглаш работи за твојот град - милион посто има нешто што не знаеш. Види што има по музеи и галерии, види што кријат продавниците за сувенири, оди на места што редовно ги бираат туристи.
Оди во фин ресторан. Ручај или вечерај сам/а - нема притисок за муабет, за непријатни тишини, можеш да уживаш во оброкот и да набљудуваш луѓе.
Почни да учиш нов јазик. Придобивките се повеќекратни: Прво, учење нов јазик го стимулира мозокот на многу здрав начин, второ - супер е да знаеш уште еден јазик, и трето, имаш совршен изговор да се наградиш со патување до тоа место, за да „повежбаш“.
Зготви нешто комплицирано. Ресторан е супер, ама супер е и да се предизвикаш да направиш Мишелин-оброк, сам/а, со состојки што ти ќе ги набавиш.
На крај, дури и да си екстроверт, има еден куп нешта што можеш да ги правиш на само, без разлика дали ќе излезеш, или ќе останеш дома. Удобност во сопствено друштво е вредна вештина и кога ќе ти успее доволен број пати, е навистина пријатно искуство.