- Писателите Зоран Анчевски, Бранко Цветкоски, Весна Мојсова-Чепишевска, Лилјана Пандева, Влатко Мартиновски, Славчо Ковиловски, Марина Мијаковска и Александра Јуруковска поднесоа оставки како членови на Претседателството на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ).
- Во својот допис до медиумите, Бранко Цветкоски објасни дека оставката ја поднесува поради „непочитување и кршење на статутарните одредби на најголемата писателска организација во Македонија, поради приватизирање и манипулирање со тимското работење и колективниот одлучувачки капацитет на нејзиното Претседателство, од страна на претседателот на ДПМ, со што се засили опаѓањето на угледот на асоцијацијата меѓу членството и натамошната деградација на писателското достоинство во националниот културен контекст“. Актуелен претседател на ДПМ е писателот Христо Петрески, директор на издавачката куќа „Феникс“.
- Поголемиот број оставки формално биле поднесени на седницата на Претседателството на ДПМ одржана на 4 октомври. Неговите членови беа избрани на редовните избори на ДПМ што се одржаа во мај 2022.
- Канадската писателка и добитничка на Нобеловата награда Алис Манро, почина на 92-годишна возраст во старечки дом во Онтарио. Таа страдаше од деменција повеќе од една деценија.
- Наречена „титан на кратката проза“ и „канадски Чехов“, Манро извршила револуција во архитектурата на кратките раскази. Објавила 14 збирки со кои во 2013 станала првиот добитник на Нобелова за книжевност од Канада.
- Последната книга, „Драг животе“, е излезена во 2012, а дел од расказите се автобиографски. Велела дека туѓите, лошо напишани книги, ја инспирирале, знаејќи дека може подобро. Покрај Нобеловата има добиено и Букер, како и канадската награда Гилер, за „Блуз од мешана крв“.
- Вчера, 12 мај, беа доделени британските телевизиски награди БАФТА. Најголемо изненадување беше признанието за Тимоти Спал за главна машка улога (за серијата „Шестата заповед“). Во својата категорија тој ги победи Брајан Кокс за „Сксешн“ и Доминик Вест за „Круната“.
- „Шестата заповед“ доби БАФТА и како мини-серија. Најдобра драмска серија е „Top Boy“ (Нетфликс), а меѓународна серија „Class Act“ (Нетфликс), во силна конкуренција на „The Bear“, "The Last of Us" и "Succession". Серијата за британското кралско семејство не доби ниту една од наградите за коишто беше номинирана - четири актерски и уште неколку во другите категории.
- БАФТА за најдобро реално шоу доби „Сквид гејм: предизвикот“, а за настан во живо минатогодишниот Евровизиски пренос од Ливерпул.